Компјутерски системи

Компјутерска мрежа претставува збир од два или повеќе компјутери кои се поврзани преку комуникациски медиум и кои меѓусебно можат да комуницираат и да делат ресурси. Мрежите се користат за пренос како на дигитални така и на аналогни податоци кои мора да бидат прилагодени кон соодветни системи за пренос.


Компјутерите се поврзуваат во компјутерски мрежи со цел на:    
- Заедничко користење на софтверски (апликации, игри и сл.) и на       хардверски ресурси (дискови, печатари, скенери и други уреди),
- Заедничко користење на датотеки (документи, слики, музика итн.),
- Размена на податоци и комуникација помеѓу корисниците,
- Заедничка работа на корисниците на некои проекти.

Според големината и функцијата која ја имаат, компјутерските мрежи се поделени во три основни групи:

 


- Локални мрежи LAN (Local Area Networks) Локална компјутерска мрежа претставува основа на секоја мрежа. Оваа мрежа е просторно ограничена – поврзаните компјутери се наоѓаат на релативно мал простор, како што е зграда или комплекс од згради. Во локалните мрежи секој компјутер има можност да пристапи до податоци и уреди на некој друг компјутер во мрежата. На овој начин повеќе компјутери можат да користат скапа опрема како што се ласерски печатачи или плотери, како и самите податоци.

- Регионални (градски) мрежи MAN (Metropolitan Area Networks) Во регионални компјутерски мрежи се поврзуваат компјутери кои се наоѓаат на територија на еден град или регион. Како преносен медиум се користитат телефонски линии, сателитски врски и оптички врски.

- Глобални мрежи WAN (Wide-Area Networks). Во глобалната компјутерска мрежа се поврзуваат компјутерите од целиот свет. Оваа мрежа, всушност, претставува мрежа од повеќе локални и регионални мрежи и овозможува комуникација помеѓу мрежи кои не се на ист географски простор. Интернетот е најдобриот пример за овој вид на мрежи. Глобалната мрежа ги поврзува сите мрежи во една целина која овозможува користење на податоци и ресурси низ целата планета.